Торта со чоколаден пудинг и бисквити, екстра брза подготовка – ова досега никој не го одбил, веднаш се изедува

Рецепт и видео прилог на CooKing – Чоколадна плазма торта.

Ако ви е потребен рецепт за чоколадна торта која сите ја сакаат, а немате многу време да останете во кујна, тогаш оваа торта е вистинската за вас. Превкусна е со многу лесен чоколаден крем и плазма кекси, веднаш ќе се потроши од вашата трпеза.

Потребни состојки:

120 г пудинг со вкус на чоколадо, 5-8 лажици шеќер, 10 г ванилин шеќер, 750 мл млеко и околу 200 мл млеко за натопување на кексите, околу 210 г плазма кекси, 100 г чоколадо, 100 г путер, 60 г шлаг и 80 мл млеко за да се измати шлагот. Наместо шлаг може да изматите слатка павлака.

Постапка:

Во длабок сад ставете 500 мл со 5 до 8 лажици шеќер, во зависност од тоа колку сакате да ви биде сладок кремот. Додадете 10 г ванилин шеќер, промешајте и ставете на оган да се загрее.

Во посебен сад ставете 120 г прашок за пудинг и разматете го со 250 мл млеко, да нема грутчиња, па смесата додадете ја во загреаното млеко со постојано мешање. Варете додека да се згусне. Додека е топол пудингот, во него додадете 100 г чоколадо искршено на коцки и мешајте додека да се растопи и соедини. Оставете на страна да се олади со повремено промешување или покриено со проѕирна фолија/кеса.

Во еден сад ставете 60 г шлаг со 80 мл млеко и изматете. 100 г путер омекнат на собна температура додадете го во изладениот пудинг и пенасто изматете го за да се соедини. Додека сè уште матите, постепено лажица по лажица додавајте го изматениот шлаг. Ќе добиете многу нежен и лесен крем. Одвојте дел за декорација.

Долгнавест а тесен калап обложете го со проѕирна фолија, па долниот ред наредете го плазма кекси кратко натопувани во млеко. Рамномерно распоредете половина од филот и израмнете. Наредете втор ред плазма кекси исто така кратко натопувани во млеко, па нанесете го остатокот од филот.

Откако ќе го наредите третиот ред кекси, обложете одозгора со фолија и ставете ја тортата во фрижидер да се олади и стегне преку цела ноќ. Следниот ден тортата превртете ја преку чинија за сервирање и украсете ја со преостанатиот фил. Деталите од постапката може да ги погледнете во видеото: