Фото и рецепт: Анета Ане
Потребни состојки:
300 г свинско месо
300 г телешко месо
300 г пилешки стек
300 г цели печурки (од тегла)
150 мл вино
150 мл вода
50 мл доматен сос
1 зелена пиперка
3 главици кромид
3 чешниња лук
2 поголеми компири
сол, црн пипер, сув зачин, буковец
6 ленти кашкавал
3 плескавици со кашкавал од кои се формираат мали ќофтенца
Постапка:
Месото ситно го сечкаме и го зачинуваме со сол и црн пипер. Во меѓувреме, го запржуваме кромидот на малку загреано масло, претходно ситно исечкан, па ја додаваме сечканата пиперка, па дури потоа го додаваме зачинетото и исечено месо.

Го запржуваме и месото па додаваме на коцки исечкан компир и лукче, па уште малку се запржува и на крај ги додаваме печурките и доматниот сос.
Оставаме на оган да прокрчка уште 5 минути со внимателно промешување, па го додаваме виното, водата и зачините (сол, вегета, црн пипер, буковец) по желба.

Одозгора ги редиме малите ќофтенца. Сета оваа смеса вака приготвена ја истураме во грне, ја поклопуваме и ја ставаме на печење во загреана рерна на 250 степени да крчка 2 часа, а потоа намалуваме на 200 и продолжуваме со готвење уште еден час.
На крај го вадиме грнето, одозгора му ставаме кашкавал и го враќаме во рерната уште 15-тина минути или додека се растопи кашкавалот.

Фото и рецепт: Анета Ане