Главната одлика на стилот на баба ми е тоа што со помалку квасец успева да постигне повоздушеста и помека оревовница. Баба ми има преку 80 години и крајно време беше да одам на обука во живо, да ја забележам постапката и да ја продолжам традицијата.
Пред неколку месеци еден ролат заедно го направивме, а подоцна уште двапати го повторив градивото. Малку ги намалив состојките и го истенчив тестото, ама целата постапка ја задржав.
Потребни состојки:
2 жолчки
3 големи супени лажици шеќер
2 прстофат сол
4 лажици масло
1 лажица милерам павлака
300 мл топло млеко
10 г свеж квасец (или 7 г сув)
500 г меко брашно
За фил од ореви:
300 г мелени ореви
100 г шеќер
1 ванилин шеќер
200 мл врело млеко
(На баба ми рецептот има 500 г ореви и 150 г шеќер, јас малку намалив)
Постапка:
По истиот ред по кој ги запишав состојките, се приготвува тестото. Разматете две жолчки, додадете шеќер + ванилин шеќер, малку сол, масло, лажица павлака и 300 мл млеко.
Сето тоа загрејте го на тивок оган да биде млако, не врело, па додадете го квасецот (издробете го ако е свеж, а ако е сув само истурете го), а потоа замешајте и 300 г брашно.
Поклопете и ставете на топло место да се активира квасецот, односно да се удвои тестото. Јас го ставам во претходно загреана рерна на 50 степени и ја гасам или покрај некој друг извор на топлина. Садот никако не смее да биде на ладно или на провев.
Кога смесата ќе се удвои, замесете го преостанатото брашно и повторно поклопено оставете на топло уште еднаш да стаса. После приближно 15 минути истресете го тестото на обилно побрашнета работна површина и нежно измесете го тестото. Ако сè уште е лепливо, додадете уште брашно, но не премногу, мора да биде што е можно помеко.
На работна површина поклопете ја топката од тесто со голем топол сад и почекајте тестото да стаса убаво и да порасне (отприлика половина час, ама не е проблем ако се остави да стасува и подолго).
За тоа време пригответе го филот. Измешајте ги мелените ореви со шеќер и ванилин шеќер и прелијте со врело млеко. Зовријте 200 мл млеко па постепено додавајте врз оревите и мешајќи внимавате да не биде преретко.
Значи, оревите само ги “попарувате” со млеко, да не биде течен филот. Додадете малку лимонов сок за да не потемнат оревите. Оставете да излади. Кога тестото е стасано, развлечете го со оклагија и премачкајте го со фил по желба. Јас овојпат имав само ореви.
Можете да ја пресечете кората и да добиете две штрудли. Или и тие да ги пресечете, па да добиете четири помали штрудли. Редете ги во намастен плех со путер, па ставете ги во ладна рерна да се печат која ќе ја вклучите на 150 до 180 степени, отприлика 30 до 40 минути.
Откако ќе заруменат покријте ги со фолија за да не изгорат премногу одозгора. Кога штрудлите ќе ги извадите од рерна, премачкајте ги со путер. Изладете малку, па свиткајте ги во крпа и така оставете ги да изладат до крај. Не се чуваат во фрижидер, туку само завиткани во проѕирна фолија за да ја задржат мекоста.
cooliranika.com