Принцес крофни – пробајте ги, најдобри се

Фото и рецепт: Јелица Херац – принцес крофни.

Секој си има свој рецепт за принцес крофни, некои тестото го прават само од вода, со 3 или четири јајца, но овој рецепт е најдобар, пробајте го и ќе се уверите во тоа.

Потребни состојки:

150 мл масло (или путер)
250 мл вода
250 мл млеко
1 прстофат сол
300 г брашно
1 прашок за печиво
7 јајца

Постапка:

Во тенџере на оган ставете ги млекото, маслото и водата со прстофат сол. Кога ќе зоврие течноста, тргнете го на страна тенџерето, намалете го огнот, па додадете просеано брашно и прашок за печиво.

Вратете на оган и мешајте додека убаво да се соедини смесата и да згусне. Кога ќе се добие компактно тесто тргнете го на страна и оставете го целосно да се олади.

Потоа со миксер за тесто или рачно, додавајте ги едно по едно јајцата. Кога целосно ќе се впие јајцето во тестото, дури огаш додадете го следното јајце, вкупно седум.

Тестото наполнете го во шприц или со помош на лажица формирајте ги крофните врз плех обложен со хартија за печење. Рерната загрејте ја на 170 степени, па ставете ги крофните да се печат околу половина час. За време на печењето не треба да се отвора вратничката од рерната.

За фил:

500 мл млеко
2 пудинг од ванила
5 лажици шеќер или по вкус
125 г маргарин/путер
50 г шеќер во прав
и една кесичка шлаг – по желба

Приготвување: Во малку млеко растворете го прашокот од пудингот, а остатокот со шеќерот ставете го на оган. Кога ќе зоврие млекото намалете ја температурата, па во него постепено додадете го растворениот пудинг и постојано мешајте додека да се зусне.

Оставете го пудингот на страна додека целосно да се олади. На страна пенасто изматете го омекнатиот путер на собна температура заедно со шеќерот во прав.

Додека матите постепено, лажица по лажица додавајте го изладениот пудинг додека целосно да се соединат во нежен крем. На страна изматете еден шлаг според упатството.

Ако сакате поголема количина на фил, сразмерно зголемете ги состојките. Изладените крофничките пресечете ги на половина и полнете ги со фил и шлаг по желба. Одозгора наросете шеќер во прав.

Фото и рецепт: Јелица Херац