Подзаборавен рецепт за обланда со чоколадо и таан алва – незаборавни моменти покрај кафето…

Фото и рецепт: Цветанка Стојановска – Чоколадни обланди со таан алва.

Овој прекрасен рецепт за старинска обланда која ќе ве врати во убавите спомени, ни го откри нашата драга членка Цветанка Стојановска во групата НМД рецепти. Може да се приготви и во посна варијанта.

Здраво пријатели! Попладневното кафе си го продолжив со еден подзаборавен десерт. Рецептот го имам од мојата покојна мајка и одвреме-навреме кафето и обландата ме потсетуваат на неа.

Потребни состојки:

250 мл млеко
300 г шеќер
250 г путер или маргарин
100 г црно чоколадо
300 г таан алва
300 г мелени кекси
200 г  мелени ореви/кокос или нешто по желба
1 пакување обланда и чоколадо за глазура по желба

Постапка:

На тивок оган се ставаат млекото со шеќерот, путерот, чоколадото и алвата. Се меша постојано додека да се растопат состојките и да се соединат.

Откако ќе зоврие се трга на страна и се додаваат 300 г мелени бисквити и 200 г мелени ореви или друго јаткасто овошје или како јас денес, кокосово брашно.

Се меша со лажица додека е врела течноста и веднаш се филуваат обландите. На крај одозгора се притиска со некој тежок предмет и се остава да се олади.

Потоа се сече по желба: триаголници, коцки или правоаголници, а одозгора се прелеваат со растопено чоколадо.

П.С. Филот може да се прави и со вода наместо млеко, маргарин наместо путер, посни бисквити во посната варијанта.

Фото и рецепт: Цветанка Стојановска