Памук погача

Постојат памук кифли, а постои и памук погача која е премногу мека и вкусна, како вистински памук.

Потребни состојки:

400 г лебно брашно

600 г свенаменско брашно

14 г сув квасец

1 лажичка шеќер

2 лажички сол или по вкус

125 мл масло + 1 лажица или две за премачкување на тестото

2 јајца + 1 белка

250 мл топла вода

250 мл топло млеко

За премачкување на погачата:

1 жолчка

1 лажица млеко

Постапка:

Измешајте ги брашната, просејте ги и додадете сол, направете вдлабнатина во средина. Во еден сад измешајте вода и млеко, ставете малку да загрее, па одвојте помал дел во кој ќе го ставите квасецот и лажичка шеќер. Измешајте и оставете квасецот да се активира.

Во брашното додадете го преостанатото млеко и вода, масло, две јајца и 1 белка, надојдениот квасец, и сето тоа добро измесете го.

Треба да добиете средно тврдо тесто, што значи ни меко ниту претврдо. Ако тестото ви е премеко, додете брашно по потреба. Тестото не смее да се лепи на раце.

Премачкајте го тестото и ванглата со масло, поклопете со проѕирна фолија. Оставете на топло место за да се удвои тестото.

 

Нараснатото тесто истурете го на работна површина, поделете го на половина и повторно премесете.

Наросете малку брашно на работната површина и едното тесто развлечете го во круг, со дебелина околу половина центиметар, па расечете го прво хоризонтално, па вертикално, да добиете четири дела. Па секој дел уште на 4 дела, што значи, треба да добиете 16 тријаголници.

Премачкајте го целото тесто пред сечење со малку масло и секој тријаголник свиткајте го во кифличка.

Длабока тепсија или поголем калап за торта прекријте со хартија за печење и започнете со редење на кифличките од средина… во средината ставете една кифличка (види фото), па околу неа редете ги другите кифлички кои се нормално свиткани..истото направете го и со другата половина од тестото.

Кифлички редете секаде каде има место, покрај ѕидовите и празнини, во два реда.

Покријте со проѕирна фолија и оставете на топло место околу 20 минути, тестото уште малку да порасне.

Изматете ја преостанатата жолчка со лажица млеко и премачкајте ги кифличките. Вклучете ја рерната на 175-185 степени да се загрее.

Печете околу 45 минути. Во случај пребрзо да заруменува, покријте со хартија за печење.

Извадете ја погачата, премачкајте ја со коцка путер и оставете околу 5 минути во калап, па извадете ја, ставете ја на решетка, покријте прво со кујнска хартија па со кујнска крпа и оставете да излади на собна температура.