Немам зборови со кои би го опишала овој сочен и вкусен колач со ореви, едноставен и најдобар

Рецепт и видео презентација: “Слатките на Наташа” – едноставен, сочен и најдобар колач со ореви.

Немам зборови со кои би го опишала овој навистина едноставен, а толку вкусен и сочен колач, кој штом го пробав ме распамети.

Кој и да го проба не може да се сопре на едно парче, мораш и второ да изедеш… а толку е едноставен за приготвување и со задоволство ви го препорачувам.

Потребни состојки:

1 јајце
180 г шеќер
100 мл масло
200 мл млеко
50 г мелени ореви
150 г брашно
1 прашок за печиво
1 ванилин шеќер

За крем:

125 г маргарин
100 г чоколадо за готвење
250 мл млеко
8 лажици шеќер
230 г мелени ореви
мелени ореви за декорација- по желба

Постапка:

Во длабок сад ставете едно јајце и измешано брашно со прашок за печиво (150 г брашно + 1 пзп). Потоа додадете 180 г шеќер, 200 мл млеко, 100 мл масло, 1 кесичка ванилин шеќер и 50 г мелени ореви.

Сите состојки соединете ги со миксер додека да добиете мазна смеса без грутчиња. Калапот со димензии 21х24 см намастете го и наросете го со брашно, а вишокот истресете го. Потоа во него излејте го тестото и распордете го. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 30-35 минути.

За крем: Во тенџере ставете 125 г маргарин (половина коцка) исечен на коцки, 100 г чоколадо искршено на коцки, 250 мл млеко и 8 лажици шеќер. Состојките ставете ги на умерен оган да се варат додека да се растопат и соединат.

Кога ќе зоврие тргнете го садот на страна и додадете 230 г мелени ореви. Промешајте да се изедначи смесата. Топлиот крем веднаш излејте го врз печениот колач, рамномерно распоредете го и оставете го да се олади. Пред да го сечете, по желба колачот можете да го наросите со мелени ореви. Целата постапка со деталите од приготвувањето, можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.