Кремаст совршен колач со гриз – без печење, без јајца

Рецепт и видео презентација на “Неодоливи Вкусови” – Кремаст колач со гриз, без печење, без јајца

Иако потсетува на другите брзи колачи со кекси и крем, сепак овој е оригинален според изборот на комбинацијата вкусови. Наместо тесто се користат кекси натопени во сок од портокал и има два вида креми, од кои едниот е ванила пудинг со гриз, а вториот страчатела (шлаг со чоколадо).

Потребни состојки:

130 г пченичен гриз
40 г (1 кесичка) пудинг од ванила
300 мл млеко
700 мл млеко
185 г шеќер
1 лажица рендана кора од портокал
240 г несолен путер, омекнат на собна температура
160 мл свежо исцеден сок од портокал (за натопување)
40 петит кекси +-
500 мл слатка павлака за шлаг
80 г шеќер во прав
150 г чоколадо за готвење со 65% какао (дел изрендајте, а дел ситно исечкајте).

Постапка:

Во еден сад измешајте го правот за пудинг и гризот, додадете 300 мл млеко и убаво промешајте да нема грутчиња. Остатокот од млекото (700 мл) ставете го на оган заедно со шеќерот. Кога ќе зоврие додадете ја мешавината од гриз, намалете ја температурата и варете го кремот со постојано мешање додека да згусне.

Тргнете го на страна, додадете рендана кора од портокал и промешајте. Оставете го кремот целосно да излади покриен со фолија или со повремено промешување за да не фати коричка.

Исцедете свеж сок од портокали и процедете го низ сито за да биде бистар. Путерот пенасто изматете го, претходно омекнат на собна температура . Постепено додавајте го изладениот крем и матете додека целосно да се соединат.

На страна изматете ја слатката павлака, а потоа постепено додадавајте го шеќерот во прав. Со шпатула промешајте го и иситнетото чоколадо, кое исто така треба постепено да се додаде.

Во калап или плех со димензии 28х18 см наредете прв ред кекси претходно на кратко натопени во сок од портокал. Во плех со оваа димензија се потребни 4 реда по 4,5 кекси. Последниот кекс во секој ред преполовувајте го за да се пополни празниот простор.

Врз кексите нанесете половина од гриз кремот, а преку гризот, половина од страчателата. Наредете втор ред кекси, исто така претходно натопувани во сок од портокал, па врз нив остатокот од гриз и остатокот од страчателата. Оставете го колачот во фрижидер најдобро преку ноќ за да може да се стегне. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.