Денес се слави Свети Нектариј, исцелител и чудотворец – Молитва за оздравување

На овој чудотворец му се препишуваат повеќе од 2000 чуда, па јасно е зошто во поедини места го нарекуваат земен ангел – небесен човек.

Православната црква и нејзините верници денес го прославуваат празникот посветен на Свети Нектариј Егински, еден од најголемите исцелители во историјата на христијанството.

Свети Нектариј е роден на 1 октомври 1846 година, во Силвира, регионот на Траки (Грција), како петто од вкупно шест деца во сиромашно семејство.

На возраст од 14 години се пресели во Константинопол, каде што почна да работи за да може да го продолжи образованието. Во 1866 година се пресели на островот Хиос, каде што го надополни своето образование.

Во 1876 година, на возраст од 30 години, се замонаши. Во 1885 година дипломираше на Универзитетот во Атина. По дипломирањето, замина во Александрија каде што беше ракоположен за јеромонах.

Заради неговата побожност и дарба за проповед на Евангелието, во 1889 година беше назначен за Митрополит на Пентапол. Остана во Каиро една година, и неправедно и без објаснување беше преместен далеку од Египет, како резултат на клевети и лаги кажани за него. Во 1891 година се врати во Грција, и две години служеше на Евија.

Во 1894 година беше именуван за директор на Црковното училиште. Во 1904 година, на барање на неколку монахињи, основа женски манастир на островот Егина.

Во декември 1908 година, на возраст од 62 години, ја напушти функцијата директор, и се пресели во манастирот, каде што остана до крајот на својот живот, во длабоко тихување како монах.

Последните неколку години свети Нектариј боледуваше, и последните денови ги помина во болница во Атина, каде што и се претстави пред Господа, на 21 ноември 1920 година, на 74-годишна возраст.

Кога докторите дојдоа да го пресоблечат, случајно неговата кошула ја фрлија на соседниот кревет на кој лежеше парализиран човек. Штом се допре до кошулата, парализираниот се излекува.

Кога го пренесуваа од Атина во Егина, непрекинато течеше миро од неговото чело. На неговиот погреб присуствуваше многуброен народ. Пристигнуваа од секаде, за да се допрат до свети Нектариј. Вброен е во ликот на светителите на 20 април 1961 година.

За чудата на овој светец и сведоштва од луѓе прочитајте ОВДЕ.

Молитви кон Свети Нектариј Егински

Прва молитва

О, мироточива главо, светителу Нектариј, Божји архиереју!

Во времето на големото отстапништво и безбожништво, си засветлил со побожност и си му ја скршил главата на прегордиот ѓавол, кој нè рануваше.

Заради тоа, Христос ти дарува да лечиш неизлечиви болести, кои нè спопаднаа поради нашите беззаконија.

Веруваме дека те засака Бог бидејќи си праведен, па заради тебе да нè помилува нас грешните, да нè разреши од проклетството, да нè избави од болестите и во целата вселена да се слави Неговото страшно и преславно име, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови.

Амин.

Втора молитва

О, свет Нектариј, богомудар отче! Прими го, чувару на православната вера, исповедувањето на луѓето со Христовото име, кои денес се собраа во храмот до Божјата благодат која живее во тебе.

Веста се рашири низ целата земја дека ти, голем меѓу светиите, Божји угоднику, се јавуваш на сите страни на светот на оние кои го призиваат твоето име и дека на болните од рак им даруваш исцеление.

Слушнавме за свештеникот Нектариј, кој подигнува храм во твое име, со големи маки, бидејќи боледуваше од рак на градите и секој ден крв му истекуваше од раните и многу страдаше, но не го оставаше светото дело.

А ти, многумилостив светителу, одеднаш се симна од небото и пред него се појави во храмот. Тој, пак, за тебе мислејќи дека си собрат и еден од смртните, од тебе побара да се помолиш и рече:

„Многу сум болен, но сакам да подигнам свет храм, само еднаш во него да отслужам света литургија заедно со парохјаните, а потоа и да умрам, бидејќи не се плашам од смртта“.

А ти отче, иако беше бестелесен, своето лице со солзи го ороси!

И прегрнувајќи го страдалникот, го целиваше и му рече:

„Не тагувај, чедо мое, бидејќи бргу ќе оздравиш, зашто си искушан со болеста. И сите ќе дознаат за ова чудо“.

Овој, пак, исцелувајќи се, разбра со кого зборува, но ти тогаш стана невидлив.

О, голем Христов угоднику, Нектариј!

Тој храм денес е довршен и твоите чудеса се умножија како морето! Ние сфативме дека молитвите на праведникот треба да бидат поддржани од нашата усилба за Божјата служба и со решеност да умреме заради Христа, за да оздравиме.

Отче праведен, те молат твоите болни чеда: со нас да се исполни Божјата волја, добра, угодна и совршена, бидејќи Бог не ја сака смртта на грешникот, туку грешникот да се обрати и да биде жив.

Ти, пак, пророку на Божјата волја, исцели нè со своето благодатно јавување, да биде голем Бог на Небесата и на земјата во сите векови!

Амин.